Авионот со кој украинскиот претседател Володимир Зеленски патувал од Молдавија кон Норвешка за малку ќе бил погоден од дрон при полетувањето, изјави норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
„Неговиот авион за малку ќе беше погоден од дрон додека полетуваше од Молдавија. Тоа е реалноста во која тој живее“, изјави Сторе за норвешкиот јавен сервис НРК.
Норвешкиот премиер не открил од каде ја добил информацијата, колку блиску дронот се приближил до авионот, ниту дали постоела намерна закана кон леталото на украинскиот претседател.
Инцидентот се случил во вторникот, кога Зеленски од Молдавија патувал кон Осло за да присуствува на погребот на норвешкиот крал Харалд Петти.
Во истиот период молдавските власти регистрирале навлегување руски дронови во воздушниот простор на земјата. Поради безбедносната закана, аеродромот во Кишињев привремено ја прекинал работата. Еден дрон паднал и предизвикал пожар, додека друг продолжил кон романскиот воздушен простор.
Сепак, извор од украинското претседателство за АФП дал повнимателна верзија на настанот. Според него, во моментот имало воздушна тревога поради руски дрон во молдавскиот воздушен простор, но тврдењето дека Зеленски бил во непосредна опасност било „претерано“.
Зеленски безбедно пристигнал во Осло, каде се сретнал со Сторе, министерот за финансии Јенс Столтенберг и министерот за надворешни работи Еспен Барт Ајде.
Главна тема на разговорите била дополнителната помош за украинската противвоздушна одбрана и заштитата од ракетни и дронски напади.
Сторе раскажал и дека го прашал Зеленски како ја поминал претходната ноќ.
Украинскиот претседател му одговорил дека не спиел добро бидејќи бил на телефон и постојано добивал информации за местата погодени од руски ракети и дронови.
Зеленски денеска присуствуваше на државниот погреб на кралот Харалд Петти во Осло, заедно со бројни европски монарси и светски лидери.









