ПРВ.мк
Свет

ПОЗНАТА ПЕЈАЧКА ОСУДЕНА НА 74 УДАРИ СО КАМШИК: Казнета по настап без хиџаб

ПОЗНАТА ПЕЈАЧКА ОСУДЕНА НА 74 УДАРИ СО КАМШИК: Казнета по настап без хиџаб

Познатата иранска пејачка Парасту Ахмади е осудена на 74 удари со камшик поради настап без задолжителниот хиџаб, откако Апелацискиот суд во Иран ја потврдил првостепената пресуда, објави „Скопје1“.

Случајот се однесува на концерт од декември 2024 година, кога Ахмади настапила во фустан без ракави и без хиџаб, а настапот во живо бил емитуван на нејзиниот канал на Јутјуб. Снимката брзо станала вирална и собрала милиони прегледи.

По концертот, иранските власти покренале постапка против пејачката, а Кривичниот суд во Ком во јуни ја прогласил Ахмади и уште осум членови на нејзиниот бенд и продукцискиот тим за виновни по повеќе обвиненија, меѓу кои и „нарушување на јавниот морал“ преку објавување „непристојна содржина“.

Покрај казната од 74 удари со камшик, на обвинетите им била изречена и двегодишна забрана за занимавање со аудиовизуелни активности, како и забрана за напуштање на земјата.

Адвокатите на Ахмади соопштиле дека Апелацискиот суд ја одбил жалбата без одржување рочиште. Според нив, одржувањето на концертот не претставувало кривично дело и била изречена една од најстрогите можни казни.

Пресудата предизвикала реакции на социјалните мрежи и кај организации за човекови права. „Амнести интернешенел“ го квалификува камшикувањето како сурово, нечовечко и понижувачко казнување.

Во Иран жените и девојчињата кои достигнале пубертет се законски обврзани да ја покриваат косата и да носат облека што го покрива телото. Правилата за задолжително носење хиџаб се предмет на засилени јавни спорови по протестите што следуваа по смртта на Махса Амини во 2022 година.