ПРВ.мк
Свет

Иран постави пет услови за да запре војната со САД – меѓу нив и повлекување на Израел

Иран постави пет услови за да запре војната со САД – меѓу нив и повлекување на Израел

Иранската револуционерна гарда соопшти дека војната со САД може да заврши, но само доколку Вашингтон престане со заканите и прифати низа услови поставени од Техеран.

Портпаролот на Револуционерната гарда, Хосеин Мохеби, изјави дека меѓу главните барања се повлекување на израелската армија од Либан, прекин на блокадата на Јемен, ослободување на 24 милијарди долари замрзнати ирански средства и прекин на, како што рече, мешањето во нуклеарните и ракетните капацитети на Иран.

„Ако непријателот сака крај на оваа ситуација, мора целосно да ја запре војната, да се воздржи од нови закани, да ја повлече израелската армија од Либан, да ја прекине блокадата на Јемен, да ослободи 24 милијарди долари замрзнати ирански средства и да се воздржи од какво било мешање во нуклеарните и ракетните капацитети на земјата“, порача Мохеби.

Израел досега повеќепати порача дека нема намера да се повлече од безбедносната зона што ја контролира во јужен Либан, додека од друга страна бара разоружување на Хезболах.

Иран најавува нова „забранета зона“ на море

Во исто време, Револуционерната гарда најави и проширување на таканаречената ограничена зона во близина на Ормускиот Теснец.

Според Мохеби, новата зона приближно ќе започнува кај Чабахар и ќе опфаќа делови од Оманското и Арапското Море, а точните координати дополнително ќе бидат објавени.

Иран предупреди дека бродовите кои ќе влегуваат во зоната без претходна координација би можеле да се соочат со „казнени мерки“, меѓу кои и укинување на услуги поврзани со навигацијата.

Тензиите на море нагло се зголемија во последните денови. Иран соопшти дека нападнал десет бродови во близина на Ормускиот Теснец, откако американските сили претходно потопиле пет ирански танкери.

Размената на удари предизвика нов потрес на енергетските пазари, а цената на нафтата Брент повторно ја надмина границата од 100 долари за барел.

Сообраќајот низ Ормускиот Теснец исто така е значително намален. Според податоците на Kpler, во вторникот поминале само шест бродови со суровини, во споредба со просек од 12 во претходните десет дена. Пред конфликтот низ теснецот минувале околу 125 комерцијални бродови дневно.

Трамп: Војната ќе заврши веднаш по изборите

Американскиот претседател Доналд Трамп, од друга страна, изјави дека очекува конфликтот со Иран да заврши веднаш по конгресните избори во САД на 3 ноември.

„Мислам дека војната ќе заврши веднаш по изборите, бидејќи тие повеќе не можат да издржат“, им изјави Трамп на новинарите пред да замине на републиканската конвенција во Далас.

Тој го обвини Техеран дека се обидува преку продолжувањето на конфликтот да влијае врз американските избори.

Трамп истовремено призна дека дипломатски преговори сè уште се можни, но нагласи дека во моментов Вашингтон не се стреми кон такво решение.

Конфликтот меѓу САД и Иран веќе влезе во седмиот месец, а последната ескалација повторно го стави Ормускиот Теснец – една од најважните точки за глобалното снабдување со нафта и гас – во центарот на светското внимание.