Новите резултати од меѓународното тестирање ПИСА 2025 повторно покажуваат сериозни слабости во знаењето на македонските 15-годишници.
Учениците од Македонија постигнале резултати значително под просекот на земјите од ОЕЦД во математика, читање, природни науки, но и во компјутерско решавање проблеми.
Најголемото влошување во однос на ПИСА 2022 е забележано по математика.
Македонските ученици освоиле просечно 380 поени, наспроти 463 поени колку што изнесува просекот на ОЕЦД. Резултатот е за девет поени понизок од оној во 2022 година.
Кај читањето просечниот резултат е уште понизок – само 357 поени, наспроти 461 во ОЕЦД, додека по природни науки учениците освоиле 378 поени во споредба со просекот на ОЕЦД од 482.
Резултатите по читање и природни науки практично останале на нивото од 2022 година, додека математиката бележи пад.
Само третина го достигнуваат основното ниво
Податоците дополнително ја покажуваат големината на проблемот.
Само 32 проценти од македонските ученици го достигнале најмалку основното ниво 2 по математика. Просекот во ОЕЦД е 65 проценти.
Само околу еден процент од учениците во Македонија стигнале до највисоките нивоа 5 и 6.
По природни науки, основното ниво го достигнале 36 проценти од учениците, во споредба со 74 проценти во ОЕЦД. Само околу 0,2 проценти се меѓу најдобрите ученици на ниво 5 или 6.
Уште полоша е состојбата со читањето.
Само 26 проценти од македонските ученици го достигнале најмалку нивото 2, додека просекот во ОЕЦД е 69 проценти. На највисоките нивоа по читање има исклучително мал број македонски ученици.
Од 2022 до 2025 година се зголемил и јазот меѓу најуспешните 10 проценти и најслабите 10 проценти ученици во сите три предмети.
Мобилните телефони сè поголем проблем
ПИСА покажува и колку дигиталните уреди влијаат врз наставата.
Дури 33 проценти од македонските ученици изјавиле дека нивните соученици често се расеани од дигитални уреди за време на часовите по природни науки.
Овие ученици во просек постигнале 22 поени помалку од оние кои не пријавиле таква расеаност, откако ќе се земат предвид социо-економските фактори.
Во 2025 година, 60 проценти од македонските ученици посетувале училишта во кои користењето мобилни телефони во училишните простории било забрането.
Речиси половина користат вештачка интелигенција секоја недела
Вештачката интелигенција веќе станува дел од секојдневието на учениците.
Дури 44 проценти од македонските 15-годишници изјавиле дека користат AI-четботови за учење најмалку еднаш неделно.
Околу 33 проценти ги користат за почетно истражување на нова тема, 31 процент за сумирање текстови, а 34 проценти за помош при пишување задачи.
Само околу 10 проценти изјавиле дека никогаш или речиси никогаш не користат AI-четботови за училишните задачи опфатени со истражувањето.
Наставниците помагаат, но учениците сè почесто отсуствуваат
Од друга страна, македонските ученици пријавуваат релативно висока поддршка од наставниците.
Осумдесет проценти велат дека наставникот покажува интерес за учењето на секој ученик, а ист процент изјавиле дека добиваат дополнителна помош кога им е потребна.
Но, семејната поддршка бележи пад.
Во 2025 година, 67 проценти од учениците рекле дека родителите барем еднаш неделно ги прашуваат што правеле на училиште, наспроти 73 проценти во 2022 година.
Истовремено, 35 проценти признале дека пропуштиле барем еден цел ден училиште во двете недели пред тестирањето, 41 процент пропуштиле барем еден час, а дури 57 проценти барем еднаш задоцниле на училиште.
Социо-економскиот статус објаснува околу 7 проценти од разликите во резултатите по природни науки во Македонија, помалку од просекот на ОЕЦД од околу 12 проценти.
Интересно е што 18 проценти од учениците од социјално најзагрозените семејства успеале да се најдат меѓу најдобрите 25 проценти ученици во земјата, поради што ОЕЦД ги определува како академски отпорни.
Во ПИСА 2025 во Македонија учествувале 6.977 ученици од 124 училишта, кои претставуваат околу 16.700 петнаесетгодишници во земјата.
Истражувањето беше спроведено во 91 земја и економија, а резултатите официјално беа објавени на 8 септември 2026 година.







