Страшен напад се случил во источниот дел на Демократска Република Конго, каде што група млади луѓе убила медицински техничар кој работел со пациенти заболени од ебола.
Според информациите што ги пренесува „Ројтерс“, нападот се случил во петокот во градот Бафвасенде, во покраината Чопо, каде што здравствените работници се соочуваат со сериозни безбедносни закани.
Убиениот медицински техничар бил вработен во локалната општа болница, а покрај работата со пациентите, учествувал и во едукација на населението за опасностите од еболата и начините на заштита.
Здравствените работници се кријат во болница
Еден од неговите колеги го преживеал нападот и закрепнува во болница.
Останатите здравствени работници, исплашени за сопствените животи, побарале засолниште во болницата, каде што се под полициска заштита. Во регионот привремено биле распоредени и воени сили.
„Ниту еден здравствен работник не спиеше дома бидејќи стравува за својата безбедност“, изјавил локален здравствен претставник.
Речиси 10.000 заразени од ебола
Според податоците наведени во извештајот на конгоанскиот Институт за јавно здравје, од прогласувањето на епидемијата во мај биле потврдени 9.964 случаи на зараза, а пријавената смртност изнесувала околу 48,6 проценти.
Локалните власти предупредуваат дека недовербата кон здравствените работници, дополнително поттикната од дезинформации за болеста, претходно доведувала до напади врз медицински персонал, болници и возила.
Високиот координатор на Обединетите нации за ебола, Жилиен Харнеис, го осудил убиството, оценувајќи дека тоа претставува огромна загуба не само за борбата против епидемијата, туку и за пациентите на кои итно им е потребна медицинска помош.







