ПРВ.мк
Балкан

(ВИДЕО) ПО ПАДОТ НА ВУЧИЌ, ПОТРЕС И ВО МЕДИУМИТЕ: Телевизија им се извини на гледачите, следуваа оставки!

(ВИДЕО) ПО ПАДОТ НА ВУЧИЌ, ПОТРЕС И ВО МЕДИУМИТЕ: Телевизија им се извини на гледачите, следуваа оставки!

Несекојдневна сцена се случи во информативната програма на Радио-телевизија Војводина (РТВ), кога телевизискиот Дневник во 17 часот започна со јавно извинување до гледачите поради долгогодишното еднострано известување.

Водителот Горан Ерор најпрво прикажа снимки од прославата на граѓаните во Нови Сад по изборните резултати, признавајќи дека телевизијата претходната вечер не ги емитувала тие сцени.

Потоа следуваше обраќање што привлече големо внимание во јавноста.

„Со години ги затворавме очите пред фактите“

„Јавниот сервис со години не ја исполнуваше својата функција. Се премолчуваше, се затвораа очите пред фактите, се информираше еднострано и се известуваше некритички. Вистинските прашања не се поставуваа или воопшто не се поставуваа. Поради тоа, на гледачите им должиме извинување“, изјави Ерор во живо.

Водителот нагласи дека дел од вработените се обидувале да обезбедат слободно, професионално и етичко новинарство.

„За жал, битката не ја добивме навреме, но веруваме дека е важно таа борба да продолжи“, порача тој.

Оставки и кадровски промени во телевизијата

По барањата на дел од вработените и генералниот директор Горан Караџиќ, оставка поднел Ненад Ќаќиќ, дотогашен вршител на должноста уредник на Првата програма на телевизијата.

На неговото место бил назначен Блажо Поповиќ, додека Предраг Новковиќ ја презел функцијата програмски директор.

Во телевизискиот прилог било наведено дека смената на досегашниот уредник била едно од клучните барања на синдикатот „Независност“, поставено уште пред една година поради, како што оценувале синдикалците, систематско провладино известување.

„Ова е почеток на враќањето на довербата“

На крајот од обраќањето, Ерор најави нов почеток за јавниот сервис.

„Добар ден. Ова е Дневникот на Радио-телевизија Војводина. На почетокот од патот кон повторно стекнување на довербата на јавноста, јас сум Горан Ерор“, порача водителот.

Јавното признавање на уредувачките пропусти и кадровските промени претставуваат значаен момент за РТВ, во период кога Србија се соочува со големи политички промени.


Видео:

Најнови вести