Победата на Студентската листа на вонредните парламентарни избори во Србија претставува голем политички пресврт, но отвора и сериозни прашања за иднината на земјата.
Уредничката за надворешна политика на хрватската Нова ТВ, Ивана Петровиќ, оцени дека изборниот резултат претставува своевидна „мала општествена револуција“, но предупреди дека победата на избори не значи и автоматска контрола врз државните процеси.
„Тие беа најдобро организирани во последните две години. Освоија убедлива победа на која можеби ни самите не се надеваа“, изјави Петровиќ.
Сепак, според неа, студентското движење останува голема политичка непознатица.
Првиот проблем: Кој ќе ја води Србија?
Петровиќ посочи дека Студентската листа обединува луѓе со различни политички и идеолошки ставови.
„Не знаеме кој ќе го одредува политичкиот правец и кој ќе ја избере владата“, предупреди таа.
Според неа, не е јасно ниту колку добро меѓусебно се познаваат новоизбраните пратеници, ниту како ќе функционира нивното мнозинство.
Вториот проблем: Борбата против корупцијата
Иако студентите ја темелеа својата кампања врз антикорупциските пораки, Петровиќ смета дека спроведувањето на реформите ќе биде исклучително тешко.
„Не е толку едноставно да се размонтира српската длабока држава, која не постои од вчера“, нагласи таа.
Третиот проблем: Каде се парите?
Како дополнителен предизвик, Петровиќ ги посочи економските интереси и големите инвестиции во Србија.
Таа потсети на стратешкиот договор што Србија го склучи со Европската Унија во 2024 година за суровини, батерии и електрични возила.
Според неа, останува нејасно како новата власт ќе управува со овие проекти и финансиски обврски.
Неизвесна и надворешната политика
Петровиќ оцени дека Хрватска не треба да избрзува со очекувањата од новата српска власт.
Таа посочи дека сè уште нема доволно јасни одговори за надворешнополитичките приоритети на Студентската листа, вклучувајќи ги односите со Косово, Русија и Европската Унија.
Нејзиниот заклучок е дека вистинскиот тест за студентите допрва започнува – кога изборната победа ќе треба да ја претворат во функционална власт и конкретни реформи.








