ПРВ.мк
Црна Хроника

МАКЕДОНСКИ КАМИОНЏИЈА ФАТЕН ВО ФРАНЦИЈА: Во камионот пронајдени дури 68 килограми кокаин!

МАКЕДОНСКИ КАМИОНЏИЈА ФАТЕН ВО ФРАНЦИЈА: Во камионот пронајдени дури 68 килограми кокаин!

Голема меѓународна полициска акција резултирала со заплена на 68 килограми кокаин во Франција, откако дрогата била откриена во товарно возило управувано од македонски државјанин.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за 44-годишниот М.Ф., кој управувал со камионот запрен на наплатната станица Фонтен, на француска територија.

Акцијата била реализирана благодарение на навремената размена на оперативни информации меѓу македонската и француската полиција, со посредство на Европол.

Од МВР информираат дека клучните информации биле обезбедени од Одделот за криминалистичка полиција, односно Единицата за недозволена трговија со дрога.

Оперативните сознанија биле доставени до француските надлежни органи преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Европол, по што следувала заплената.

Втора голема меѓународна акција за еден месец

Ова е втора успешна меѓународна полициска акција во период од само еден месец во која учествувале македонските полициски служби.

Претходно, соработка со грчката полиција резултирала со заплена на 324 килограми марихуана.

Од Министерството за внатрешни работи нагласуваат дека ваквите резултати ја потврдуваат важноста на меѓународната соработка во сузбивањето на организираниот криминал и нелегалната трговија со наркотични средства.

„Овие резултати ја потврдуваат ефикасноста на меѓународната полициска соработка и континуираната посветеност на МВР во борбата против организираниот криминал и недозволената трговија со дрога“, соопштија од Министерството.