Претседателот на Српската напредна странка (СНС), Милош Вучевиќ, откри детали од изборната ноќ во Србија, кога Александар Вучиќ им соопштил на најблиските соработници дека нивната партија ги изгубила парламентарните избори.
Гостувајќи на телевизија Пинк, Вучевиќ раскажал како изгледале моментите во партискиот штаб додека пристигнувале првите изборни резултати.
Според неговите зборови, СНС во еден момент водела, со обработени околу 12 отсто од гласовите, но Вучиќ проценил дека резултатите не ја прикажуваат реалната состојба.
„Нè повика, бевме Ана и јас, Миле, Синиша, Милан Кнежевиќ беше со нас. И ни рече дека сме ги изгубиле изборите. Врз основа на тогаш обработените податоци, на 12 отсто од гласовите, ние водевме, но очигледно тоа не беше репрезентативен примерок“, изјавил Вучевиќ.
На состанокот присуствувале и претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, како и министерот за финансии, Синиша Мали.
„Не беше лесна ноќ за нас“
Вучевиќ признал дека е разочаран од изборниот резултат, но истакнал дека е горд на начинот на кој неговите сопартијци реагирале на поразот.
„Не можам да кажам дека уживав, бидејќи сум тажен поради изборниот резултат и незадоволен. Но, горд сум што заедно со уште неколку луѓе бев сведок на тоа како Александар Вучиќ ја подготви таа прес-конференција“, рекол тој.
Според Вучевиќ, Вучиќ внимателно ги анализирал податоците од избирачките места и навреме го препознал трендот што укажувал на изборен пораз.
И покрај загубата на изборите, Вучевиќ порача дека СНС нема да се повлече од политичката сцена, туку ќе продолжи со своето политичко дејствување.
Неговото сведоштво открива како изгледале одлучувачките моменти во врвот на владејачката партија, непосредно пред Вучиќ јавно да го признае изборниот пораз.








