Во Кавадарци продолжуваат градежните активности за подобрување на комуналната и патната инфраструктура, со нови зафати на две улици во градот, во рамки на Програмата за комунална изградба за 2026 година.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека на улицата „16 Јуни“ започнале градежни активности за реконструкција и подготовка за асфалтирање, со што се очекува значително подобрување на состојбата на коловозот и создавање побезбедни услови за одвивање на сообраќајот.
Паралелно со овие активности, на улицата „Илчо Димов“ се реализираат зафати за подобрување на системот за одведување на атмосферските води.
На оваа локација се врши реконструкција на три атмосферски решетки Ф400, на дел од атмосферската линија во должина од 150 метри. Целта е поефикасно прифаќање и одведување на атмосферските води, особено при пообилни врнежи.
Изведувач на градежните работи на двете локации е компанијата „Ас Машини“.
Со реализацијата на овие инфраструктурни зафати, Општина Кавадарци продолжува со спроведување на планираните активности за 2026 година, насочени кон подобрување на сообраќајната безбедност, комуналната инфраструктура и секојдневните услови за живот на граѓаните.










