Министерот за здравство Сашо Клековски во Копенхаген оствари средба со претставници на Данската црковна помош – DanChurchAid, организација со која има долгогодишна соработка уште од почетоците на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Во пресрет на Регионалниот состанок на Светската здравствена организација, Клековски се сретна со генералниот секретар на DanChurchAid, Јонас Вејсагер Нодекер, како и со Јорген Томсен, со кого соработувал пред повеќе од три децении.
Клековски потсети дека DanChurchAid и Томсен биле меѓу значајните поддржувачи на МЦМС во неговиот основачки период од 1993 до 1996 година.
Според него, развојот на МЦМС во изминатите децении е пример дека вложувањето во локални организации, знаење и капацитети може да создаде долгорочни и одржливи резултати.
Министерот потсети и на поддршката што Данска, заедно со Холандија, ѝ ја дала на Македонија во годините по стекнувањето на независноста.
Средбата во Копенхаген, покрај потсетувањето на долгогодишната соработка, била искористена и за разговори за идни иницијативи и можности за нова поддршка од данските институции.
Клековски оцени дека постојните контакти и искуства можат да бидат основа за отворање нови форми на партнерство и соработка во иднина.






