ПРВ.мк
Свет

Од љубов до рекордна поделба на богатството: Овој развод ја урна границата од 2,5 трилиони вони

Од љубов до рекордна поделба на богатството: Овој развод ја урна границата од 2,5 трилиони вони

Јужнокорејскиот милијардер Квон Хјук-бин, основач на гејминг-компанијата „Смајлгејт“, треба да ѝ предаде на поранешната сопруга 35 проценти од акциите во компанијата и дополнително да ѝ исплати 65 милијарди вони во готово.

Вкупната вредност на поделбата на имотот изнесува околу 2,55 трилиони вони, односно приближно 1,9 милијарди долари, што претставува рекорд за бракоразводна постапка во Јужна Кореја.

Одлуката ја донесе Семејниот суд во Сеул, кој го одобри разводот по постапка што започнала во 2022 година.

Квон досега поседувал 100 проценти од „Смајлгејт“, а судот проценил дека вредноста на тие акции изнесува околу 7,1 трилиони вони.

Според пресудата, неговата поранешна сопруга ќе добие 35 проценти од акциите, проценети на околу 2,49 трилиони вони, како и уште 65 милијарди вони во готово. Квон би задржал 65 проценти од компанијата и со тоа мнозинска сопственост.

Судот оценил дека сопругата придонела кон создавањето на семејниот имот не само преку домашните обврски и грижата за децата, туку и преку нејзината улога во раните години од развојот на компанијата.

Истовремено, судот утврдил дека и двете страни подеднакво придонеле за распадот на бракот и ги одбил барањата за дополнителна отштета.

Квон ја основал „Смајлгејт“ во 2002 година, а компанијата подоцна стана едно од најголемите имиња во јужнокорејската индустрија за видеоигри, позната по наслови како „Crossfire“ и „Lost Ark“.

Неговата поранешна сопруга во 2022 година побарала развод и половина од неговиот удел во компанијата, тврдејќи дека имала значаен придонес во нејзиното создавање и развој.

Пресудата го надминува претходниот рекорд во Јужна Кореја поврзан со разводот на претседателот на SK Group, Чеј Тае-вон, каде поделбата на имотот беше определена на 944 милијарди вони.

Адвокатите на Квон најавиле дека ќе ја разгледаат пресудата пред да одлучат за следните правни чекори, што значи дека конечниот исход сè уште може да се промени.