ПРВ.мк
Македонија

Преспанското Езеро годинава повисоко за 53 сантиметри – но новите податоци носат и предупредување

Преспанското Езеро годинава повисоко за 53 сантиметри – но новите податоци носат и предупредување

Преспанското Езеро моментално е во значително подобра состојба отколку пред една година, но новите податоци покажуваат дека причините за загриженост сè уште не се исчезнати.

На 7 септември водостојот бил за 53 сантиметри повисок отколку на истиот датум минатата година, благодарение на исклучително влажната претходна сезона.

Сепак, сушниот период годинава започнал околу дваесетина дена порано, а од крајот на мај нивото на водата веќе се намалило за 43 сантиметри, покажува анализата на Дејан Трајковски објавена во „Емитер“.

Сушната сезона започнала на 30 мај, кога водостојот достигнал кота од минус 562 сантиметри. Тоа било само два сантиметра под највисокото ниво измерено во 2024 година.

Падот од 43 сантиметри во следните три месеци засега се движи во рамките на вообичаеното сезонско намалување.

До почетокот на влажниот период, кој најчесто настапува на почетокот на декември, се проценува дека езерото може да загуби дополнителни 20 до 25 сантиметри.

Годишниот минимум би можел да се движи меѓу минус 620 и минус 630 сантиметри.

Обилните дождови го „спасија“ езерото од нов рекорд

Добрата вест е што годинава не се очекува нов вековен минимум.

Претходната влажна сезона била исклучително поволна за Преспа, а обилните врнежи го подигнале нивото на езерото за дури 111 сантиметри.

И УНДП посочува дека интензивните врнежи во текот на зимата и пролетта ги заситиле почвите, ги зголемиле речните текови и донеле значително повеќе вода во Преспанското Езеро.

Но една добра сезона не е доволна за да се промени долгорочниот тренд.

Во претходните две години биле регистрирани годишни падови од околу 50 до 55 сантиметри, додека повеќегодишното просечно намалување изнесува околу 18 сантиметри годишно.

Преспа загубила речиси половина од волуменот

Долгорочните податоци ја покажуваат вистинската големина на проблемот.

Од 1984 до 2020 година Преспанското Езеро загубило околу седум проценти од својата површина и речиси половина од волуменот.

Во споредба со крајот на 1970-тите години, нивото на водата денес е пониско за повеќе од осум метри.

За вистински пресврт, според анализите, би биле потребни неколку последователни години со обилни врнежи и поволен доток на вода.

Затоа следните месеци повторно ќе бидат клучни за Преспа, а вниманието ќе биде насочено кон есенските дождови и почетокот на новата влажна сезона.