Цената на нафтата на светските берзи повторно ја проби психолошката граница од 100 долари за барел, зголемувајќи го притисокот врз цените на горивата ширум светот, а следната одлука за бензините и дизелот во Македонија се очекува во понеделник.
Нафтата од типот „Брент“ денеска се затвори на 101,21 долар за барел, откако во текот на денот забележа силен раст.
За само еден месец цената на „Брент“ е зголемена за околу 25 проценти, во услови на нова ескалација на конфликтот на Блискиот Исток и сериозни нарушувања на транспортот на енергенси преку Ормускиот Теснец.
Растот на светските берзи сега го отвора и прашањето што ќе се случи со цените на бензините и дизелот во Македонија.
Регулаторната комисија за енергетика следната редовна пресметка треба да ја направи во понеделник, 14 септември.
Според важечкиот правилник, РКЕ секој понеделник носи одлука за највисоките малопродажни цени, при што во формулата се земаат предвид берзанските цени на конкретните нафтени деривати во изминатиот седумдневен период, како и останатите трошоци и давачки.
Во моментов, според официјалните податоци на РКЕ, Еуросупер БС-95 се продава најмногу за 97 денари за литар, Еуросупер БС-98 за 99 денари, а Еуродизел за 101 денар за литар.
Владата најавува мерки ако кризата продолжи
Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Владата внимателно ги следи движењата и дека дополнителните мерки ќе зависат од интензитетот на кризата.
„Во зависност од интензитетот на кризата, така ќе ги димензионираме мерките“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека во моментов веќе се применува редуцирано ниво на акцизата и нагласи дека при евентуалните следни чекори мора да се води сметка и за макроекономската и фискалната стабилност на државата.
Според премиерот, Македонија и натаму има пониски цени на горивата во споредба со повеќе земји од регионот.
Дали новиот скок на светските берзи ќе донесе промена на цените на бензините и дизелот кај нас ќе биде познато со следната одлука на РКЕ.
Владата работи и на цената на струјата
Мицкоски се осврна и на енергетската состојба пред претстојната грејна сезона.
Тој изјави дека хидроакумулациите се наполнети речиси 50 проценти и дека производствените капацитети се подготвени.
Истовремено, Владата работи на модел со кој цената на електричната енергија за домаќинствата би останала непроменета, а според Мицкоски, доколку условите дозволат, се разгледува можноста и за нејзино намалување.
„Правиме методологија да се обидеме, ако ништо друго, да ја задржиме истата цена, а зошто да не и да ја поевтиниме“, рече премиерот.







