ПРВ.мк
Македонија

ВАЖЕН ЧЕКОР ВО БОРБАТА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО - Еве што ќе се случува по секоја пријава за семејно насилство!

ВАЖЕН ЧЕКОР ВО БОРБАТА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО - Еве што ќе се случува по секоја пријава за семејно насилство!

Побрза реакција на институциите, навремена заштита на жртвите и поефикасно гонење на сторителите се главните цели на новите мерки договорени меѓу Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика.

На работен состанок во Јавното обвинителство, јавниот обвинител Ненад Савески, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски договориле конкретни чекори за итно и координирано постапување во случаите на семејно насилство.

Според договорениот протокол, Министерството за внатрешни работи веднаш по приемот на секоја пријава ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Потоа јавниот обвинител ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа.

Предвидено е итно обезбедување вештачења за утврдување на евентуалните повреди, процена на ризикот и собирање докази. Целта е да се овозможи побрзо донесување обвинителски одлуки и навремено покренување постапки против осомничените сторители.

Дополнително, трите институции ќе определат контакт-лица кои постојано ќе бидат достапни за меѓусебна комуникација, координација и давање итни насоки. Постапувањето ќе се одвива според стандардизирани процедури, со јасно утврдени надлежности и одговорности за секоја институција.

Од институциите очекуваат дека со зајакнувањето на меѓусебната соработка ќе се обезбеди побрза реакција во секој пријавен случај, навремена заштита и згрижување на жртвите, како и поефикасно процесуирање на сторителите пред надлежните судови.