Иран ги одби барањата на САД за целосно запирање на збогатувањето ураниум на своја територија, за време на денешните разговори во Оман. Сепак, Техеран изрази подготвеност да преговара за нивото и чистотата на ураниумот, како и за формирање на можен регионален конзорциум, пренесува Ројтерс.
Американската страна, според дипломатски извори, покажала разбирање и одредена флексибилност кон иранските позиции, додека прашањето за ракетните капацитети на Иран не било на дневен ред.
Иранскиот министер за надворешни работи, Сејед Абас Аракчи, разговорите ги оцени како „добар почеток“, истакнувајќи дека понатамошното продолжување ќе зависи од дополнителни консултации со лидерите на двете земји и од надминување на меѓусебната недоверба.
Средбите во Мускат биле индиректни, со посредство на Оман, со цел намалување на тензиите по минатогодишната воена ескалација. Оманското Министерство за надворешни работи потврди одделни средби со иранската и американската делегација, без откривање детали за содржината на разговорите.
Експертите оценуваат дека ова е прв чекор кон можно продолжување на дипломатскиот дијалог, а двете страни изразија претпазлив оптимизам за идните преговори.

















