Светските цени на храната продолжија да паѓаат и во јануари, бележејќи петти последователен месец на намалување, соопшти Организацијата за храна и земјоделство при ОН (ФАО). Во исто време, глобалните резерви на житни култури се доближуваат до историски максимум.
Индексот на цените на храната на ФАО во јануари изнесувал просечно 123,9 поени – што е за 0,4 проценти помалку од декември и за 0,6 проценти пониско во споредба со истиот период лани.
Цените на житните култури бележат благ раст од 0,2 проценти на месечно ниво, и покрај мало намалување кај пченицата и пченката. Високите резерви на пченица ги ублажиле стравувањата поврзани со временските услови во Русија и САД, додека стабилните залихи на пченка ги амортизирале негативните ефекти од лошото време во Аргентина и Бразил и зголемената побарувачка за етанол во САД.
Индексот на растителни масла пораснал за 2,1 процент, поттикнат од поскапувањето на палминото масло поради сезонско намалено производство во Југоисточна Азија и силна побарувачка. Соиното масло исто така поскапело поради намалена понуда од Јужна Америка и очекувана зголемена побарувачка за биогорива.
Од друга страна, цените на месото се намалиле за 0,4 проценти, најмногу поради падот кај свинското месо. Најголем пад е забележан кај млечните производи – дури пет проценти, поради пониски цени на сирењето и путерот.
Цената на шеќерот исто така се намалила за еден процент, благодарение на очекуван пораст на производството во Индија, Бразил и Тајланд.
Според најновите прогнози, глобалните резерви на жито би можеле да пораснат за 7,8 проценти и да достигнат рекордно ниво.

















