Пациентка од Србија ќе стане првата личност во светот што ќе започне третман со руската вакцина против рак, најави Сергеј Бољевиќ, раководител на Одделот за патологија на Универзитетот „Сеченов“ во Москва.
Станува збор за Јована Алексиќ, која боледува од меланом – агресивна форма на рак на кожа со метастази. Според Бољевиќ, од понеделник во Институтот „Гамалеја“ ќе започне подготовката на персонализираната вакцина специјално за неа.
Тој појасни дека ова нема да биде клиничко испитување, туку конкретен третман. Одлуката првата пациентка да биде од Србија, како што рече, е донесена поради добрите односи меѓу двете земји. Во моментов се работи со десетина пациенти, додека за други видови карцином, како рак на дојка, се чека дополнително одобрение.
Бољевиќ изјави дека вакцината може да се применува во која било фаза на болеста, вклучително и кај метастази, но засега руските власти се фокусирани на меланом и рак на белите дробови.
Според неговите тврдења, ефикасноста достигнува околу 95 проценти, а пациент кој успешно ќе се излекува од меланом со оваа терапија „веќе нема да може повторно да ја добие истата форма на рак“.
Процедурата подразбира земање податоци од клетките на заболено ткиво, нивна анализа и создавање лек кој ќе му овозможи на имунолошкиот систем на пациентот да ги препознае и уништи канцерогените клетки без да ги оштети здравите. Терапијата опфаќа 10 дози, кои се примаат на секои две недели, а првични резултати може да се забележат по втората или третата доза.
Резултатите од досегашната работа, според најавите, ќе бидат презентирани на конференција во Сочи на почетокот на април. Вакцината првично ќе се применува кај пациенти кои ги исцрпиле сите други терапевтски можности, со цел да се потврди нејзината ефикасност.

















