42-годишен маж бил застрелан од полицијата во германскиот град Ремшајд во средата навечер, околу 21 часот, откако, според официјалните информации, претходно нападнал полициски службеници на улицата Паулштрасе.
Како што соопштија Јавното обвинителство во Вупертал и Полициската управа во Хаген, инцидентот започнал откако сведоци пријавиле дека мажот им се заканувал на две девојки користејќи бибер-спреј.
По пристигнувањето на полицијата, осомничениот наводно повторно употребил бибер-спреј кон службениците и потоа почнал да бега. Во обид да го спречат, полицајците најпрво употребиле електрошок оружје, но без успех.
Според истрагата, ситуацијата дополнително ескалирала кога мажот почнал да фрла алатки кон полицајците. Во тој момент, еден од службениците испукал куршум од службениот пиштол, при што 42-годишникот бил погоден.
И покрај брзата интервенција и обидите за реанимација, мажот починал на местото на настанот.
За да се обезбеди целосна независност на истрагата, случајот не го води полицијата од Ремшајд, туку истражители од крими-полицијата во Хаген.
Настанот повторно ја отвори дебатата околу употребата на огнено оружје од страна на полицијата во покраината Северна Рајна-Вестфалија, каде статистиките покажуваат релативно висок број на вакви инциденти во споредба со остатокот од Германија.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во периодот од 2020 до 2024/25 година полицијата испукала 90 куршуми кон лица, при што 19 лица починале, а 58 биле повредени.







