Русија и Украина сè помалку веруваат дека постои реална можност за обнова на сериозни мировни преговори под покровителство на Соединетите Американски Држави, дури и по евентуалното смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Според информации од дипломатски и безбедносни кругови, рускиот претседател Владимир Путин дополнително е фокусиран на освојување нови украински територии со воена сила и планира да ги прошири своите барања по евентуалното преземање на целосна контрола врз Донбас.
Во Киев, од друга страна, сметаат дека во последните месеци успеале да го стабилизираат фронтот и да го забават руското напредување, особено благодарение на интензивните напади со дронови длабоко зад руските линии. Украинските официјални лица проценуваат дека сега се помалку подложни на притисоците од Вашингтон да прифатат брзо и неповолно решение за конфликтот.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека „секој ден сме сè поблиску до договор“, извори блиски до преговорите тврдат дека ниту Москва ниту Киев моментално не гледаат голема смисла во продолжување на разговорите. Украинската страна смета дека преговорите практично заглавиле уште во февруари, по последната рунда контакти со Русија, со растечко незадоволство поради тоа што Вашингтон не успеал да изврши посериозен притисок врз Кремљ за ублажување на барањата.
„Американската страна не обезбеди никаков напредок од страна на Русија. Сè за што можеше да се преговара, веќе е преговарано“, изјави еден од украинските претставници запознаени со процесот. Москва, пак, инсистира дека какви било сериозни преговори имаат смисла само ако претседателот на Украина, Володимир Зеленски, нареди повлекување на украинските сили од Донбас, но и од другите области кои Русија ги смета за свои територии.
Како што наведува Financial Times, во Москва веруваат дека евентуалното освојување на целиот Донбас до есен би му овозможило на Кремљ дополнително да ја зголеми цената на секое идно примирје и да постави уште пошироки територијални барања кон Украина. Според проценките на украинската воена разузнавачка служба, Путин смета дека тогаш би можел да инсистира и на целосно предавање на Херсонската и Запорошката област, кои Русија незаконски ги анектираше во 2022 година, иако делови од тие региони остануваат под контрола на Киев.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „прекин на огнот и пат кон целосни мировни преговори“ би биле можни дури кога Зеленски би наредил повлекување на украинските сили. Истовремено, висок германски дипломат оцени дека Русија и понатаму се обидува да оствари воена победа додека јавно зборува за преговори. „Постапките на Русија јасно противречат на секаква наводна подготвеност за преговори“, рече тој.
И Путин и Зеленски настојуваат да го задржат Трамп вклучен во мировниот процес, иако двете страни, според оценките на изворите, постепено ја губат довербата во можноста за американско посредување. Зеленски изјави дека САД се и понатаму дел од дипломатскиот процес, но призна дека војната меѓу Иран и Израел сега го привлекува најголемото внимание на Вашингтон.
Во меѓувреме, рускиот претседател ги одби европските предлози за посредување и украинските барања за организирање самит на неутрален терен. Путин дури го предложи поранешниот германски канцелар Герхард Шредер како можен европски посредник, нарекувајќи го „лидер на кого му веруваме“. Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, оцени дека „не би било многу мудро“ да му се дозволи на Путин да го избира европскиот претставник, додека украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, порача дека Киев „категорично не ја поддржува таа кандидатура“.
Иако украинските напади со дронови во последните месеци нанесуваат сериозни проблеми на руската логистика, изворите тврдат дека тоа не го променило уверувањето на Путин дека украинската линија на фронтот на крајот ќе се урне. На конференцијата за новинари по Парадата на победата во Москва, рускиот претседател изјави дека неговата војска се фокусира на „конечен пораз на непријателот“.
Според наводите на повеќе извори блиски до Кремљ, највисоките руски команданти го увериле Путин дека нивните сили можат да го заземат целиот Донбас до есен. После тоа, Кремљ би можел да го засили притисокот со дополнителни територијални барања. Еден од соговорниците блиски до рускиот претседател рекол дека се обидувал да го наговори да ја запре војната на сегашните линии на фронтот, но дека Путин одбива компромис. „Не, околу ова не можам да прифатам компромис“, наводно одговорил рускиот лидер.
Сепак, и покрај амбициозните планови на Москва, значителен руски пробој на фронтот и понатаму изгледа далеку. Украинската војска ги засилува ударите врз руската логистика, складиштата за муниција и касарните длабоко зад линијата на фронтот. „Тие напади предизвикуваат сериозни нарушувања во ротацијата на војниците и доведуваат до недостиг на дронови и муниција“, изјави Дмитро Путиата од украинските Сили за беспилотни системи.
Според проценките на изворите вклучени во тајните разговори, амбициите на Путин веројатно и понатаму ги надминуваат Донбас и југот на Украина. Наводно сè уште се разгледува сценариото за целосна доминација над териториите источно од Днепар, но и потенцијален притисок кон Киев и Одеса. „Запомнете дека планот отсекогаш беше заземање на Киев. Задачата е поставена и мора да биде извршена“, изјави еден од изворите запознаени со разговорите во врвот на руската власт.







