ПРВ.мк
Свет

Ги обвинуваат дека им наштетиле на милиони деца – сега им се заканува астрономска казна

Ги обвинуваат дека им наштетиле на милиони деца – сега им се заканува астрономска казна

Компанијата „Мета“, сопственик на Фејсбук и Инстаграм, предупреди дека би можела да се соочи со казна од дури 1,4 трилиони долари доколку судот пресуди во корист на американските сојузни држави кои ја тужат поради наводно негативно влијание врз менталното здравје на младите.

Според компанијата, оваа сума е пресметана врз основа на барањата на обвинителите од Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси, а евентуалната казна би била речиси еднаква на целата пазарна вредност на „Мета“.

Судскиот процес е закажан да започне на 18 август пред федерален суд во Оукленд, Калифорнија.

Тужбата, зад која стојат вкупно 29 американски сојузни држави, ја обвинува компанијата дека ги прекршила правилата за заштита на приватноста на децата на интернет, собирајќи податоци од малолетници без согласност од нивните родители.

Дополнително, обвинителите тврдат дека платформите Фејсбук и Инстаграм биле дизајнирани на начин што создава зависност кај децата и тинејџерите, што, според нив, придонело за зголемување на анксиозноста, депресијата, самоповредувањето и други проблеми со менталното здравје.

Од „Мета“ категорично ги отфрлаат сите обвинувања, оценувајќи дека барањата за казни се неосновани и без преседан. Компанијата смета дека обвинителите неправилно ги пресметуваат потенцијалните казни и дека дел од функциите на нивните платформи се заштитени со американското законодавство.

Иако аналитичарите оценуваат дека е малку веројатно конечната казна навистина да достигне 1,4 трилиони долари, случајот веќе се смета за еден од најзначајните судски процеси против технолошките компании.

Покрај оваа постапка, „Мета“ се соочува со повеќе од 2.400 дополнителни тужби поднесени од родители, училишта и државни институции, поврзани со безбедноста и влијанието на нејзините социјални мрежи врз младите корисници.