ПРВ.мк
Свет

Франција се подготвува за најцрното сценарио: Ќе симулира прекин на струја низ целата земја

Франција се подготвува за најцрното сценарио: Ќе симулира прекин на струја низ целата земја

Француската влада планира во втората половина на 2027 година да организира голема национална вежба со која ќе ја тестира подготвеноста на државата за сценарио со масовен прекин на електричната енергија.

Според информациите што ги објави „Политико“, во симулацијата ќе бидат вклучени операторите на електроенергетската мрежа Enedis и RTE, повеќе министерства, државни институции и француската воена администрација.

Целта е да се провери како земјата би реагирала во случај на голем прекин на струјата, сличен на оној што во април 2025 година ги погоди Шпанија и Португалија, или при евентуален голем кибернапад врз енергетската инфраструктура.

За време на вежбата ќе се анализира колку брзо може да се врати снабдувањето со електрична енергија, но и дали државните служби ќе успеат непречено да ги одржат клучните функции и услуги во услови на криза.

Паралелно со подготовките, француските власти работат и на создавање резерви од неопходна опрема и материјали, меѓу кои генератори, лекови, телекомуникациска опрема, средства за итните служби и други стратешки ресурси.

Одлуката доаѓа по летото во кое Франција се соочи со екстремни горештини и големи шумски пожари. Во југозападниот дел на земјата беа евакуирани повеќе од 200.000 луѓе, додека во Париз беа обезбедени дополнителни резерви на мраз за потребите на итните служби.

Во меѓувреме, опозицијата ја обвинува владата дека не е доволно подготвена за вакви кризни ситуации, а премиерот Себастијан Ле Корнеј најави нов закон со кој треба да се зајакне националниот систем за справување со вонредни состојби.