Британскиот весник „Телеграф“ објави текст во кој изнесува сериозни тврдења поврзани со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, од периодот кога бил генерален секретар на УЕФА.
Според написот, кој се повикува на повеќе извори, Инфантино наводно бил во емотивна врска со вработена во организацијата. Во текстот се тврди дека по внатрешна истрага, вработената ја напуштила УЕФА, а добила и шестцифрен финансиски надоместок.
Од ФИФА веднаш реагираа со официјален став, категорично отфрлајќи ги сите наводи.
„Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, жестоко ги негира сите обвинувања, бидејќи тие се целосно невистинити. Сите инсинуации за недолично однесување или прекршување на правилата се измислени“, соопштија од светската фудбалска организација.
Во реакцијата се додава дека ниту еден вработен во ФИФА или УЕФА никогаш не поднел жалба против Инфантино и дека не постои инцидент што би ги поткрепил изнесените тврдења.
Засега нема независна потврда за наводите објавени во британскиот медиум, а случајот предизвика големо внимание во спортската јавност.








