Американската сојузна држава Њујорк официјално стана 14-та држава, заедно со Дистриктот Колумбија, која дозволува медицинска помош при умирање за полнолетни лица со терминални болести.
Според новиот закон, право на оваа постапка имаат пациенти на кои лекарите им прогнозираат животен век до шест месеци. За да можат да ја искористат можноста, тие мора да бидат полнолетни жители на Њујорк, ментално способни самостојно да донесуваат одлуки и физички да можат сами да го земат препишаниот лек.
Законот стапи во сила по долгогодишна јавна и политичка дебата, во која поддржувачите тврдеа дека станува збор за право на личен избор и достоинство, додека противниците, меѓу кои Католичката црква, дел од здравствените работници и организации за лицата со попреченост, изразија сериозни резерви.
Гувернерката Кети Хокул го потпиша законот по внесување дополнителни заштитни мерки, а Министерството за здравство неодамна ги објави насоките за неговата примена.
Во меѓувреме, американски суд ја отфрли тужбата во која се тврдеше дека законот ги нарушува правата на лицата со попреченост. Од друга страна, четири католички калуѓерки добија привремена судска одлука со која нивните установи се изземени од учество во спроведувањето на законот.
Од кабинетот на гувернерката појаснија дека учеството на здравствените и верските институции е доброволно и дека тие имаат право да одбијат да учествуваат.
Организациите кои се залагаат за медицинска помош при умирање најавија дека ќе продолжат да се борат за донесување слични закони и во другите американски сојузни држави.









