Тропската бура Фина, која достигна сила на циклон од трета категорија, синоќа предизвика сериозни проблеми во северните делови на Австралија, оставајќи илјадници жители без струја.
Со налети на ветер што достигнаа и до 205 километри на час, циклонот се оддалечи од Дарвин, но зад себе остави поплавени улици, оштетени домови и голем дел од инфраструктурата во прекин. Екипите за итни интервенции цела ноќ работеле на расчистување и обновување на електричната мрежа.
Ова е втор посилен удар за регионот годинава. Во март, циклонот Алфред го погоди Квинсленд и остави стотици илјади луѓе без електрична енергија, поради што беа затворени училиштата и дел од јавните установи.
Циклоните од трета категорија, кои се само две нивоа под најразорната петта категорија, се познати по тоа што предизвикуваат сериозни штети — уништуваат посеви, рушат згради, соборуваат дрвја и целосно го прекинуваат снабдувањето со струја.
Дарвин има болно историско искуство со вакви природни катастрофи. На Божик во 1974 година, градот беше разурнат од катастрофалната бура Трејси, во која загинаа 66 лица – трагедија што засекогаш остана врежана во австралиската колективна меморија.
















