Железничката станица во Скопје влегува во најголемата трансформација во изминатите децении. Директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, откри дека започнати се подготовките за комплетна реконструкција, која ќе ја врати автентичната визија на Кензо Танге, но со додадени современи архитектонски решенија.
Проектот се развива заедно со стручните тимови од Градежниот и Архитектонскиот факултет, а целта е станицата да стане модерно транспортно јадро со целосно нова електрика, обновена комунална инфраструктура и функционално обновен машински дел. Според планот, проектната документација треба да биде финализирана во рок од година и половина до две, по што ќе се бараат средства за целосната реализација.
До тогаш, институцијата почна со средување на надворешниот изглед. Се отстрануваат старите и запуштени билборди, дел поставени пред повеќе од две децении, како и графити и постери што го нарушуваат изгледот на станицата. Во тек е и чистење и освежување на столбовите за да се врати нивната оригинална боја и форма.
Ивановски уверува дека крајната цел е Скопје да добие железничка станица со модерен, достоинствен и функционален изглед – онаков каков што му доликува на главниот транспортен центар на метрополата.
















