ПРВ.мк
Македонија

Последен продолжен викенд годинава – еве кој ден ќе одмориме сите!

Последен продолжен викенд годинава – еве кој ден ќе одмориме сите!
Kristal

Граѓаните ќе го имаат последниот продолжен викенд за оваа година, бидејќи 8 декември (понеделник) е прогласен за неработен ден за сите. Денот е посветен на Свети Климент Охридски, една од најзначајните личности во нашата духовна, културна и образовна традиција.

Свети Климент е познат како најистакнатиот ученик на Светите браќа Кирил и Методиј и еден од најважните просветители во историјата на Словенството. Тој го создава првиот словенски универзитет – Охридската книжевна школа, која станала центар на ширење писменост, христијанство и култура во целиот регион.

Познат е и по бројните чуда што ги правел за време на својот живот, а и денес многумина веруваат во исцелителната сила на неговите мошти. Неговата книжевна оставнина опфаќа поучни и похвални дела, меѓу кои се најистакнуваат Похвалата за Кирил Филозоф, како и житијата за големи христијански светители.

Свети Климент бил и првиот словенски епископ со титула епископ велички, а историјата го памети како автор на Панонските легенди – најважниот извор за животот и делото на Кирил и Методиј.

Роден околу 830/840 година, починал на 27 јули (стар календар) односно 9 август (нов календар) во Охрид. Денес неговото име го носат бројни институции, училишта и христијански храмови – меѓу нив Националната и универзитетска библиотека, Соборниот храм во Скопје и Универзитетот во Битола. Во негова чест се доделува и истоимената државна награда за исклучителни достигнувања во образованието, културата, науката и здравството.

Escape