ПРВ.мк
Свет

Детонација од невидени размери: Израел активирал 1.100 тони експлозив, земјата се тресела како при земјотрес од 4,1 степен

Детонација од невидени размери: Израел активирал 1.100 тони експлозив, земјата се тресела како при земјотрес од 4,1 степен

Израелската армија во четвртокот вечерта спровела голема операција на ридот Али Тахер, стратешка височинка јужно од Набатије во Либан, при што, според израелски извори, биле употребени повеќе од 1.100 тони експлозив за уништување подземна инфраструктура.

Силата на детонациите била толкава што тресењето на почвата било регистрирано како потрес со јачина од 4,1 степен, а експлозиите се почувствувале и во Саида, оддалечена околу 40 километри.

Според израелскиот портал „Ynet“, целта на операцијата била уништување на тунелска инфраструктура за која израелската армија тврди дека му припаѓала на Хезболах. Во близина на Кфар Тибнит биле регистрирани три силни експлозии.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац соопшти дека подземната инфраструктура на Хезболах на ридот била уништена, додека премиерот Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека израелските сили воспоставиле „оперативна контрола“ над подрачјето.

Либанскиот сеизмолошки центар потврдил потрес со јачина од 4,1 степен, додека и Американскиот геолошки институт регистрирал сеизмички настан во 21:08 часот по локално време.

Според експертските објаснувања наведени во извештаите, не станува збор за класичен земјотрес предизвикан од поместување на тектонски расед, туку за тресење на почвата предизвикано од огромната сила на експлозиите.

Сличен настан бил регистриран и кон крајот на јули, кога израелската армија, според информациите, употребила околу 700 тони ТНТ за уништување тунели под ридот Шкиф, по што бил регистриран потрес со јачина од 3,8 степени.

По најновата операција, Израел го зголемил нивото на готовност поради можност од иранска одмазда. Во исто време, за 15 и 16 септември во Рим е најавена нова рунда разговори меѓу Израел и Либан.