Шпанската влада во вторник го одобри планот со кој 500.000 странски мигранти, кои се на територијата без потребни документи, ќе добијат дозвола за живот и работа во земјата. Овој потег е во спротивност со строгите имиграциски политики во други делови на Европа.
- „Ќе можат да работат во било кој сектор, во било кој дел на земјата“, изјави министерката за миграции Елма Саиз на прес-конференција.
Владата смета дека на овој начин ќе се пополнат празнините во работната сила и ќе се намали проблемот со стареењето на населението. Мерата ќе важи и за децата на мигрантите кои веќе живеат во Шпанија.
Кој ќе може да аплицира:
- Мигранти кои живееле во Шпанија најмалку пет месеци непрекинато до 31 декември
- Лица кои побарале меѓународна заштита пред тој датум
- Потребно е да достават било кој јавен или приватен документ кој ја потврдува нивната присутност
Апликантите мора да имаат чист кривичен досие и да не претставуваат закана за јавниот ред. Очекувано, рокот за аплицирање ќе биде од април до крајот на јуни. Планот ќе се усвои преку владина уредба, без одобрување од парламентот.
Реакции: Конзервативната и крајно десничарската опозиција ја критикуваа власта, тврдејќи дека мерката ќе поттикне повеќе илегална имиграција. Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феијо, напиша дека планот е „апсурден“ и ќе го оптовари јавниот сектор.
Од друга страна, Шпанската католичка црква го поздрави потегот како „чин на социјална правда“. Социјалистичкиот премиер Педро Санчез истакна дека Шпанија има потреба од мигранти за да се пополнат празнините во работната сила и да се заштити системот на пензии и благосостојба.
Според официјалните податоци, во последното тромесечје од минатата година, 52.500 од 76.200 новозапослени биле странци.
На почетокот на јануари 2025 година, во Шпанија живееле околу 840.000 недокументирани мигранти, најмногу од Латинска Америка, а Шпанија е еден од главните европски влезови за мигранти од Африка.

















