ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против Б.Ш. (40) од Богданци поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „помагање“ во врска со „фалсификување исправа“. Исто така, против Д.Л. (33) од Скопје е поднесена пријава за „злоупотреба на лични податоци“ и „фалсификување исправа“, а против Б.З. (45) од Скопје за „фалсификување исправа“.
Според истрагата, во септември 2025 година, првопријавениот без согласност на неговата мајка и уште едно лице ги искористил нивните лични податоци од лична карта и патна исправа и ги предал на второпријавениот. Потоа, второпријавениот, без согласност, ги употребил податоците за постапка за кандидирање на членови на Советот на општина Богданци, при што го фалсификувал и потписот на лицата.
Лажните јавни исправи, изработени од третопријавениот Б.З., на 13 септември 2025 година биле предадени на членовите на општинската изборна комисија во Богданци со цел поднесување на листа за кандидати за членови на советот на општина Богданци.

















