ПРВ.мк
Свет

ЕУ ги менува правилата за пакување: Еве што ќе исчезне од кафулињата, хотелите и продавниците

ЕУ ги менува правилата за пакување: Еве што ќе исчезне од кафулињата, хотелите и продавниците

Во Европската унија од утре почнува примената на новите правила за амбалажа, со кои постепено ќе се воведуваат значителни промени за производителите, продавниците, хотелите, рестораните и кафулињата.

Целта на новите регулативи е да се намали количеството отпад од пакување, особено пластиката произведена од нафта, како и да се поттикне повторната употреба и рециклирањето.

Една од промените се однесува на ограничувањето на присуството на одредени штетни супстанции во амбалажата. Вкупната концентрација на кадмиум, олово, жива и шестовалентен хром нема да смее да надминува 100 милиграми на килограм.

Дополнителни ограничувања се предвидени и за PFAS, таканаречените „вечни хемикалии“, кај амбалажата што доаѓа во контакт со храна.

Помалку „воздух“ во пакувањата

Новите правила треба да стават крај и на практиката производите да се продаваат во непотребно големи пакувања.

Ќе се ограничува максималниот празен простор во амбалажата, со што треба да се спречат практики како големи кутии со мала количина производ или таканаречено „лажно дно“.

Граѓаните ќе можат да носат сопствени садови

Дополнителни промени за потрошувачите се предвидени од февруари следната година. Купувачите ќе можат да носат сопствени садови кога купуваат храна и пијалаци за носење.

Одговорноста за хигиенската состојба на садот што го носи купувачот ќе биде на самиот потрошувач.

Во следната фаза, угостителскиот сектор и продавниците што продаваат храна ќе треба да обезбедат и системи што ќе овозможуваат повторна употреба на амбалажата.

Најголемите промени доаѓаат во 2030 година

Многу повидливи промени се очекуваат од 2030 година, кога ќе стапат во сила низа ограничувања за пластичната амбалажа за еднократна употреба.

Меѓу другото, предвидено е ограничување на еднократната пластична амбалажа за храна и пијалаци што се консумираат во угостителските објекти.

Промени ќе има и кај малите индивидуални пакувања за зачини, шеќер, млеко и други производи што денес масовно се користат во кафулињата и рестораните.

Промени и во хотелите

Хотелскиот сектор исто така ќе мора да се приспособи. Малите пакувања шампон, гел за туширање и други козметички производи за еднократна употреба постепено ќе бидат заменувани со поголеми диспензери и решенија за повеќекратна употреба.

Дел од хотелите веќе ја воведуваат оваа практика, заменувајќи ги и пластичните картички, четки за заби и други производи за еднократна употреба со поодржливи алтернативи.

Новите правила се дел од поширокиот план на ЕУ за намалување на отпадот од амбалажа, кој значително се зголеми во последната деценија поради растот на онлајн-трговијата и навиките за купување производи за носење.