ПРВ.мк
Свет

Медведев со драматично предупредување: Нашето трпение не е бесконечно, останува нуклеарната опција

Медведев со драматично предупредување: Нашето трпение не е бесконечно, останува нуклеарната опција

Дмитриј Медведев предупреди дека трпението на Русија „не е бесконечно“ и дека нуклеарното оружје останува крајна опција доколку, според Москва, бидат исцрпени сите други можности.

Во интервју објавено денеска, поранешниот руски претседател и премиер ги отфрли оценките дека нуклеарната реторика на Москва служи само за заплашување.

„Ова не е тактика на заплашување, туку реалност“, изјави Медведев, посочувајќи на руската нуклеарна доктрина, според која земјата го задржува правото на употреба на нуклеарно оружје во определени околности кога нејзината безбедност е загрозена.

Тој нагласи дека правилата за можна употреба на нуклеарно оружје биле дополнително појаснети и дека е проширен списокот на закани кои Москва би можела да ги смета за основа за таков одговор.

Според Медведев, агресија од ненуклеарна држава против Русија или Белорусија, доколку е поддржана од нуклеарна сила, Москва може да ја третира како напад врз двете земји.

„Имаме целосно право да одговориме на критична закана за нашиот суверенитет. Конечната одлука ќе ја донесе шефот на државата“, рече тој.

Медведев упати и остри обвинувања кон Западот, тврдејќи дека неговите политики го носат светот кон „работ на нуклеарна апокалипса“. Нападите врз руски градови ги опиша како дејствија кои би можеле да доведат до поширок глобален конфликт.

Тој истовремено порача дека Москва е свесна за последиците што би ги предизвикала нуклеарната ескалација и дека таквото сценарио би претставувало „точка од која нема враќање“.

Сепак, Медведев заврши со ново предупредување.

„Нашето трпение не е бесконечно. Таа последна опција останува последно средство што треба да се користи само кога сите други мерки не успеале“, изјави тој, додавајќи дека светот, според неговата оценка, е на само „неколку секунди“ од критичната точка.