Цените на нафтата повторно бележат силен раст, а суровата нафта „Брент“ се искачи над 101 долар за барел, достигнувајќи го највисокото ниво од мај наваму.
Раст е забележан и кај американската сурова нафта WTI, чија цена надмина 96 долари за барел.
Главната причина за новиот ценовен скок се зголемените воени тензии меѓу САД и Иран, кои ги засилија стравувањата дека може да дојде до нарушување на глобалното снабдување со нафта.
Според објавените информации, американската војска соопштила дека уништила пет ирански танкери што превезувале сурова нафта, по обид за напад со балистичка ракета врз американски воен брод.
Иран, пак, соопштил дека нападнал два американски брода и осум нафтени танкери во Персискиот Залив, а било испратено и предупредување до екипажите во близина на пристаништата во Кувајт и Бахреин.
Посебна загриженост на пазарите предизвикува можноста за нарушување на транспортот низ Ормутскиот теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта.
Дополнителен притисок врз цените создаваат и нападите на Хутите врз енергетската инфраструктура во јужниот дел на Саудиска Арабија, како и зголемената побарувачка од Кина.
Кина во моментов ги надополнува своите залихи и го зголемува купувањето сурова нафта од Африка, Канада и Латинска Америка.







