Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека во текот на ноќта било спречено Европската Унија да направи чекор што, според него, би значел директно вовлекување во војна со Русија. Како што истакна, станува збор за планот замрзнатите руски средства да се искористат како заем за Украина, кој на крајот не бил прифатен.
Орбан нагласи дека Унгарија се согласила да не го блокира другиот механизам – одобрување заем за Украина во износ од 90 милијарди евра – но јасно ставил до знаење дека неговата земја нема да учествува во таа шема, заедно со Чешка и Словачка.
„Не дозволивме Европа да ѝ објави војна на Русија користејќи ги нејзините средства. Тоа ќе ја вовлечеше Европската Унија во војна и ќе ѝ наметнеше на Унгарија финансиски товар од околу 1.000 милијарди унгарски франци. Ги заштитивме унгарските семејства и идните генерации од овој товар“, изјави Орбан.
Тој додаде дека 24 земји-членки одлучиле да ѝ доделат воен заем на Украина за наредните две години, но предупреди дека доколку Киев не биде во можност да го врати долгот, земјите што учествуваат ќе мора сами да ја покријат отплатата.
По повеќедневните разговори во Брисел, лидерите на ЕУ постигнаа договор за заем за Украина од 90 милијарди евра, без користење на замрзнатите руски средства. Според европските институции, договорот треба да ги покрие воените и економските потреби на Украина во следните две години.
Орбан, сепак, порача дека подготовките за војна во Брисел продолжуваат и дека Унгарија ќе остане „гласот на мирот во Европа“.
„Нема да дозволиме парите на унгарските граѓани да се користат за финансирање на војна. Доколку Брисел управуваше со Унгарија, земјата ќе беше вовлечена во конфликт и финансиски уништена“, рече тој.
Според проценките на ЕУ, без дополнителна финансиска помош Украина би можела да се соочи со сериозна ликвидносна криза во наредните месеци, а за стабилно функционирање во следните две години ќе ѝ бидат потребни околу 135 милијарди евра.
















