ПРВ.мк
Македонија

Тендер-афера ја тресе државата: Уапсени 11 лица, истрага за перење милиони

Тендер-афера ја тресе државата: Уапсени 11 лица, истрага за перење милиони
Kristal

Во координирана полициска акција спроведена во ноќта меѓу 17 и 18 декември, како и во текот на вчерашниот ден, под раководство на јавен обвинител, биле извршени претреси на повеќе локации низ државата, при што уапсени се 11 лица.

Акцијата опфатила локации во Скопје и околината, како и во Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани. По поднесена кривична пријава, јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против вкупно 33 лица, осомничени за кривични дела од економско-финансиска природа.

Сите осомничени се товарат за кривично дело „Злосторничко здружување“. Дополнително, седум лица се осомничени како помагачи и поттикнувачи за продолжено кривично дело „Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, 12 лица за „Злоупотреба на службена положба и овластување“, а 20 лица за „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Според наводите во истрагата, во текот на 2023 година тројца службени лица вработени во ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје, заедно со четворица управители и сопственици на две правни лица, формирале организирана група со цел местење на постапка за јавна набавка и стекнување противправна имотна корист. Подоцна, кон групата се приклучиле уште 26 лица.

Станува збор за јавна набавка на „СКАД ормари – мониторинг ормари со ГСМ контролор за топлинска станица“, при што, според истрагата, била изготвена однапред договорена техничка спецификација. На тендерот биле пријавени две правни лица – едно од Скопје и едно од Куманово.

Правното лице од Куманово поднело непотполна документација и понуда со повисока цена, додека правното лице од Скопје доставило понуда речиси идентична со проценетата вредност на набавката, иако таа не била јавно објавена. Со ваквото постапување, на скопската фирма ѝ бил овозможен договор за јавна набавка во вредност од 472.470.407 денари со ДДВ, односно 7.682.445 евра, на штета на буџетот на ЕСМ Дистрибуција.

Понатаму, во периодот од 2023 до 2025 година, осомничените, со цел прикривање на потеклото и движењето на паричните средства, пуштиле во оптек, пренеле и примиле вкупно 125.556.930 денари, односно 2.041.576 евра, со што, според обвинителството, го сториле кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерка притвор за седум лица, додека за уште шест лица се изречени мерки за обезбедување на нивното присуство во постапката.

FixCredit
Escape