Од полноќ стапуваат на сила нови максимални малопродажни цени на нафтените деривати, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Според одлуката, дизел горивото поевтинува за 2 денари по литар, додека цените на бензините и останатите деривати остануваат непроменети.
Новите цени што ќе важат од 20 декември од 00:01 часот се следни: ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по цена од 71 денар за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 73 денари за литар, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) по 64,50 денари за литар, екстра лесното масло за домаќинство по 65,50 денари за литар, додека мазутот ќе чини 32,635 денари за килограм.
Од РКЕ појаснуваат дека намалувањето на цената на дизелот е резултат на пониските референтни цени на светските берзи, како и малата промена на курсот на денарот во однос на доларот.
Се потсетува дека станува збор за максимални цени и дека трговците имаат можност да ги продаваат горивата и по пониска цена од утврдената.
















