Министерството за животна средина и просторно планирање воведе итни мерки за повеќе скопски населби, откако мерните станици регистрирале екстремно загадување на воздухот со ПМ10 честички.
Како што соопшти Министерството, според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем и временската прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање е надминат во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и кај Ректоратот. Станува збор за концентрации на суспендирани честички поголеми од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни дена.
Поради состојбата, на сите работодавци им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма или со прележан срцев или мозочен удар, без оглед на возраста.
Министерството наложи засилени вонредни инспекциски контроли на инсталациите со А и Б интегрирани еколошки дозволи, како и на објектите што работат со елаборати за заштита на животната средина. Инсталациите со континуиран мониторинг се задолжени да овозможат јавен пристап до податоците за емисиите.
Дополнително, ќе се интензивираат контролите на техничката исправност на возилата, со посебен фокус на дизел возилата и нерегистрираните автомобили, како и контролите на градилиштата. Забрането е и горење на отворено.
Исто така, на работодавците им се препорачува реорганизација на работното време, при што лицата кои работат на отворено да ги извршуваат работните задачи во периодот од 11 до 17 часот. Се препорачува и да не се организираат спортски и културни настани на отворено.
















