Маж на возраст од 44 години од Градско се здобил со повреди откако со патничко возило излетал од коловозот на регионалниот пат Градско–Неготино, во близина на мостот на реката Црна Река.
Како што информираат од СВР Велес, сообраќајната несреќа била пријавена вчера околу 07:45 часот. Возилото марка „форд“ со велешки регистарски ознаки, управувано од П.Б. од Градско, излетало надвор од коловозот од засега неутврдени причини.
Возачот бил пренесен во ЈЗУ Општа болница Велес, каде лекарите констатирале повреда на главата и исчашување на рамото. Како што изјави портпаролот на болницата, д-р Ванчо Граматов, по направените испитувања и укажаната медицинска помош, повредите биле санирани и пациентот е пуштен на домашно лекување.
На местото на несреќата бил извршен увид од увидна екипа на СВР Велес, а се работи на утврдување на точните околности под кои дошло до излетувањето.
















