Осомничениот за масовното пукање на Универзитетот Браун во САД, во кое минатата недела беа убиени двајца студенти, е пронајден мртов по шестдневна интензивна потрага што се одвиваше во неколку сојузни држави.
Американската полиција соопшти дека станува збор за 48-годишниот Клаудио Невес Валенте, португалски државјанин кој пред околу 25 години студирал на Универзитетот Браун. Неговото тело било пронајдено во складиштен објект во градот Сејлем, сојузната држава Њу Хемпшир.
Шефот на полицијата во Провиденс, Оскар Перез, изјави дека истрагата напредувала благодарение на видеодокази и информации добиени од јавноста, кои ги довеле истражителите до компанија за изнајмување автомобили, преку која бил лоциран осомничениот.
Според информациите од истражните органи, постои сериозно сомнение дека Валенте е одговорен и за убиството на професорот од Масачусетскиот технолошки институт (МИТ), Нуњо Гомес Лоуреиро, кое се случило на 15 декември во неговиот дом во Бруклајн, околу 80 километри од Провиденс. Полицијата наведува дека двајцата се познавале и студирале на ист универзитет во Португалија во 1990-тите години.
Јавниот обвинител на Род Ајленд информираше дека Валенте починал од самонанесена прострелна рана, но засега не е утврдено колку време се наоѓал во складиштето пред да биде пронајден.
„Иако осомничениот е пронајден мртов, истрагата продолжува. Постојат многу отворени прашања кои мора да добијат одговор“, изјави Тед Докс, главниот агент на ФБИ задолжен за случајот.
Во нападот на Универзитетот Браун беа убиени двајца студенти на возраст од 18 и 19 години, а уште девет лица беа повредени откако осомничениот отворил оган за време на завршните испити, предизвикувајќи паника и евакуација на кампусот.
















