Иран побара од Катар, Саудиска Арабија и Оман да посредуваат кај САД за да извршат притисок врз Израел за итен прекин на огнот, нудејќи за возврат поголема флексибилност во нуклеарните преговори со Вашингтон, објави Ројтерс повикувајќи се на ирански и регионални извори.
Заливските земји активно комуницирале со сите страни изминатиот викенд, обидувајќи се да спречат понатамошна ескалација на конфликтот меѓу Иран и Израел. Техеран јасно ставил до знаење дека нема да се врати на преговарачка маса додека траат израелските напади.
Во меѓувреме, Оман подготвува нацрт-договор за прекин на огнот и обновување на нуклеарните преговори, кој вклучува едногодишна суспензија на збогатувањето ураниум и целосен пристап за Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
И покрај реториката и заканите, иранските извори велат дека Техеран е подготвен на дипломатски излез од кризата, стравувајќи дека конфликтот може да се прошири низ регионот и да има долгорочни последици.