Брзиот патнички брод „Мелита“, кој редовно сообраќа на релација Задар – Сали – Заглав, тоне во хрватските територијални води, пренесуваат тамошните медиуми.
Според неофицијални информации, дошло до пробивање на облогата, по што бродот почнал да се навалува и да пропаѓа од едната страна. Веднаш е започната спасувачка операција за евакуација на патниците.
Снимки до кои дојде „Јутарњи лист“ покажуваат како десетици патници се евакуираат од бродот. Засега не е познат точниот број на патници кои се наоѓале на бродот, чиј капацитет е до 180 луѓе.
„Мелита“ е катамаран изграден во 1985 година во Норвешка, со должина од 27 и ширина од 9 метри. Од 2013 година е во сопственост на „G&V Line Iadera“ од Задар и важи за еден од најсигурните бродови на Јадранот.
Се очекуваат повеќе информации за евентуални повредени и причините за несреќата.