ПРВ.мк
Свет

(ФОТО) Објавена нова мапа: Овие делови од Европа се најзагрозени од силни земјотреси - проверете каде е Македонија

(ФОТО) Објавена нова мапа: Овие делови од Европа се најзагрозени од силни земјотреси - проверете каде е Македонија

Европската платформа за проценка на сеизмички опасности и ризици (EFEHR) ја објави најновата мапа на сеизмичка опасност, која покажува дека делови од Балканот и натаму се меѓу најризичните подрачја во Европа кога станува збор за силни земјотреси.

Според анализата, Турција, Грција, Албанија, Италија и Романија се меѓу земјите со највисок сеизмички ризик, додека голем дел од Балканскиот Полуостров се наоѓа во зона со зголемена опасност.

На мапата, Македонија претежно е означена со портокалова боја, што укажува на умерен до зголемен ризик од посилни земјотреси. Потемните нијанси на мапата означуваат подрачја каде постои поголем потенцијал за силно тресење на тлото.

Освен на Балканот, повисок ризик е забележан и во делови од Австрија, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Словенија, Швајцарија, Белгија, Норвешка и Исланд.

Од EFEHR појаснуваат дека мапата не предвидува кога ќе се случи земјотрес, туку го прикажува очекуваното ниво на тресење на земјата врз основа на долгорочни научни анализи. Актуелниот европски модел е изработен во 2021 година.

Експертите нагласуваат дека ризикот не зависи само од сеизмичката активност, туку и од квалитетот на градбите, густината на населението и подготвеноста на општеството за вакви природни катастрофи.

Во најризичните области, според проценките, годишните економски загуби можат да достигнат и до 65 милиони евра, додека бројот на жртви би можел да надмине 30 лица годишно. Во регионите со умерен ризик, загубите се проценуваат на до 25 милиони евра годишно.

Иако градови како Берлин, Лондон и Париз имаат понизок сеизмички ризик поради нивната геолошка положба, експертите потсетуваат дека земјотреси можат да се случат и во подрачја кои традиционално не се сметаат за високо ризични, па затоа подготвеноста останува клучен фактор за намалување на последиците.