ПРВ.мк
Свет

Аларм: Потврдени нови случаи на опасната легионерска болест

Аларм: Потврдени нови случаи на опасната легионерска болест

Во Њујорк се регистрирани нови случаи на легионерска болест, само неколку недели по завршувањето на претходната епидемија на Менхетен. Според информациите, во Јужен Бронкс досега се потврдени пет случаи, а едно лице починало.

Здравствените власти очекуваат резултати од тестирањата за уште неколку можни случаи. Инфекциите се регистрирани во населбите Мелроуз и Морисанија.

Новите случаи доаѓаат по епидемијата што претходно летово го зафати Менхетен, каде беа пријавени повеќе од 90 заболени и 11 смртни случаи. Тогаш истрагата утврдила присуство на бактеријата во кули за ладење на одредени згради.

Здравствените власти сега земаат примероци од кулите за ладење во погоденото подрачје. Најавено е дека секоја кула во која ќе биде потврдено присуство на бактеријата ќе мора веднаш да биде темелно исчистена и дезинфицирана.

Лекарите во Њујорк се повикани да обрнат дополнително внимание на пациенти со симптоми што би можеле да укажуваат на легионерска болест и, доколку постои сомневање, да извршат тестирање.

Легионерската болест е сериозна форма на пневмонија предизвикана од бактеријата Legionella. Најчесто се пренесува преку вдишување ситни капки контаминирана вода, а генерално не се пренесува од човек на човек.

Бактеријата може да се размножува во водоводни системи, тушеви, славини, резервоари за топла вода и кули за ладење. Поголем ризик од тешки компликации имаат лицата со ослабен имунолошки систем и хронични белодробни заболувања.