Вистинска филмска потера се одвивала во Словенија, откако 21-годишен маж нападнал полицаец, му го одзел службениот пиштол, пукал во него, а потоа побегнал со полициско возило.
Инцидентот се случил нешто пред 9 часот кај излезот Шмартно на автопатот кон Горењска. Полицијата го запрела осомничениот откако претходно предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета и продолжил да вози кон Крањ.
За време на полициската постапка, 21-годишникот нападнал еден од полицајците, му го одзел службеното оружје и пукал во него. Полицаецот бил погоден во раката и се здобил со тешки повреди, но според информациите неговиот живот не е во опасност.
Напаѓачот потоа влегол во полициското возило и побегнал. Веднаш била организирана голема потера во која биле вклучени полициски патроли, хеликоптер и припадници на специјалната единица.
Осомничениот бил лоциран во близина на Лесце, а потоа и уапсен во областа Радовљица. Полицијата ги пронашла и службеното оружје и украденото полициско возило.
Словенечката полиција соопштила дека истиот маж бил приведен и претходниот ден, откако удрил во паркирано возило и бил осомничен дека управувал под дејство на дрога. Тој одбил стручен преглед, а подоцна бил пуштен откако престанале законските услови за негово задржување.
Мотивот за нападот сè уште не е познат, а истрагата за сите околности продолжува.








