ПРВ.мк
Свет

ТЕНЗИИТЕ РАСТАТ: Иран порача дека е подготвен за „војна до судниот ден“ со САД

ТЕНЗИИТЕ РАСТАТ: Иран порача дека е подготвен за „војна до судниот ден“ со САД

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека Техеран е подготвен да се спротивстави на секоја агресија, дури и ако конфликтот со САД прерасне во, како што рече, „војна до судниот ден“. Истовремено, тој нагласи дека Иран останува подготвен и за дипломатско решение. 

Во интервју за Ен-би-си, Арагчи се осврна и на иранскиот предлог за седумдневен план за деескалација и повторно отворање на Ормускиот Теснец. Планот предвидува американски отстапки, меѓу кои укинување на поморската блокада на иранските пристаништа, олеснување на санкциите за продажба на нафта и ослободување на околу 12 милијарди долари замрзнати ирански средства. 

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потврди дека го одбил иранскиот предлог. Вашингтон и Техеран остануваат значително раздалечени околу условите: Иран сака разговорите да бидат фокусирани на Ормускиот Теснец и американската блокада, додека администрацијата на Трамп бара и отстапки околу иранската нуклеарна програма.

Сепак, дипломатските контакти не се целосно прекинати. Трамп изјави дека очекува нови разговори со Иран во текот на оваа недела, додека Катар продолжува со посредничките напори меѓу двете страни.