Нов проблем е откриен кај авионите „Боинг 737 Max“, додека европскиот производител „Ербас“ започна проверки на неколку стотици авиони A321neo поради проблем со заштитниот слој на дел од трупот.
„Боинг“ открил нов софтверски проблем поврзан со моделот 737 Max. Овој тип авиони веќе со години е под зголемен надзор по двете тешки несреќи во октомври 2018 и март 2019 година, во кои загинаа вкупно 346 лица.
Еден од клучните проблеми по несреќите беше автоматизираниот систем за помош на пилотите, кој во одредени услови можел да влијае врз контролата на авионот. Како последица на кризата, „Боинг“ мораше привремено да го запре производството на 737 Max, а производството сè уште не се вратило на нивото од периодот пред 2019 година.
Проблемите со овој модел продолжија да се појавуваат и во следните години. Во јануари 2024 година, на пример, дел од трупот на речиси нов 737 Max отпадна за време на полетувањето, што повторно отвори прашања околу контролата на квалитетот во производството.
Во 2024 година беа регистрирани и други сериозни инциденти. Боинг 737-9 на „Алјаска Ерлајнс“ во текот на лет останал без една од резервните врати. Во друг случај, на лет на чилеанската авиокомпанија LATAM, авион „Боинг 737-9 Дримлајнер“ ненадејно изгубил висина, при што биле повредени околу 50 лица.
Во меѓувреме, внимание привлече и проблем кај европскиот производител „Ербас“. Компанијата, заедно со италијанскиот „Леонардо“, го истражува проблемот со заштитниот слој на околу 500 авиони A321neo.
Проблемот бил откриен откако техничар на „Ербас“ отстранил дел од бојата од трупот на авион и забележал празнини во заштитниот прајмер кој се наоѓал под површинскиот слој.
„Ербас“ го потврдил постоењето на проблемот во петокот, по извештајот на Aviation Current.
Инженерски тимови на „Ербас“ и „Леонардо“ работат заедно во објектот на TESI, подизведувач на „Леонардо“ кој се наоѓа јужно од Неапол, со цел да ја утврдат причината за проблемот и да најдат решение.
Од „Ербас“ не ги наведоа имињата на добавувачите поврзани со случајот. „Леонардо“, пак, потврди дека соработува со TESI, но не соопшти дали оваа компанија била ангажирана и за работата за „Ербас“.
Проблемот бил забележан кај засилувањата на трупот во предниот дел на A321neo. Случајот повторно го насочи вниманието кон контролата на квалитетот и можните слабости во синџирот на снабдување во авионската индустрија.
„Ербас“ има два добавувачи за овој дел од трупот – „Леонардо“ и „Ербас Атлантик“, компанија која претходно се викала „Стелија“ и која е одговорна за комплетниот преден дел од авионот.
„Леонардо“, од друга страна, има само еден добавувач на заштитни премази, што дополнително го отвора прашањето за зависноста од поединечни добавувачи во производниот процес.







