ПРВ.мк
Црна Хроника

ТРИ УБИСТВА ГИ ПРИЗНА, ЗА ЧЕТВРТОТО НЕГИРА: Продолжи судењето за случајот од Старо Нагоричане!

ТРИ УБИСТВА ГИ ПРИЗНА, ЗА ЧЕТВРТОТО НЕГИРА: Продолжи судењето за случајот од Старо Нагоричане!

Во Основниот суд во Куманово денеска продолжи судскиот процес против Трајче Бојковски од општина Старо Нагоричане, кој е обвинет за четири убиства на жени и два обида за убиство.

На денешното рочиште бил сослушан форензичкиот психијатар Стојан Бајрактаров, а во текот на постапката обвинетиот дал изјави кои не се совпаѓаат целосно со неговите претходни искази дадени пред истражните органи.

Вештакот потврдил дека кај Бојковски не била утврдена душевна болест и дека тој е пресметлив. Поради тоа, според неговото мислење, не постоела потреба од ангажирање стручни лица за комуникација со обвинетиот.

За време на испитувањето, Бојковски повеќепати ги менувал своите искази. Тој инсистирал дека признал оти убил три жени, но во однос на дел од жртвите негирал вмешаност или наведувал дека причината за неговото одење кај нив била поврзана со пари.

Обвинителот Љубомир Лапе го соочил обвинетиот со неговите претходни признанија дадени во текот на истрагата. Според обвинителството, ваквиот начин на одбрана може да биде насочен кон олеснување на неговата процесна положба.

„На моите вкрстени прашања одговори потврдно, но анализа на ваквата одбрана ќе дадам во завршните зборови, со оглед дека кај јавниот обвинител ги призна кривичните дела. Има и други материјални докази со кои се поткрепува обвинението“, изјави Лапе.

Обвинителот дополнително посочи дека и според наодот и мислењето на вештото лице-психијатар, обвинетиот постапувал на начин со кој настојува да си ја олесни положбата во постапката.

„Како што слушнавте од вештото лице-психијатар, во својот вешт наод и мислење, сметаат дека обвинетиот делува во насока да си ја олесни положбата“, додаде Лапе.

По сослушувањето на вештакот, судот ја заклучи доказната постапка.

Завршните зборови во случајот се закажани за 6 октомври, кога странките ќе ги изложат своите завршни аргументи пред судот.