ПРВ.мк
Црна Хроника

СМРТТА НА АЛЕКСАНДАР НА ОКТОБЕРФЕСТ СÈ УШТЕ МИСТЕРИЈА: Снимките треба да откријат што се случило под „Hangover“

СМРТТА НА АЛЕКСАНДАР НА ОКТОБЕРФЕСТ СÈ УШТЕ МИСТЕРИЈА: Снимките треба да откријат што се случило под „Hangover“

Пет дена по трагичната смрт на 52-годишниот српски државјанин Александар С., кој работел како обезбедување на Октоберфест во Минхен, неговото семејство сè уште нема одговор како точно дошло до несреќата.

Александар, кого пријателите го викале Буца, загинал на 21 септември откако се нашол под гондолата на атракцијата „Hangover“. Германската полиција и обвинителството ја истражуваат трагедијата, а според тамошните медиуми, обезбедени се повеќе видеоснимки од сведоци и камери кои треба да помогнат во утврдувањето на околностите.

Неговата сопруга Андријана вели дека семејството досега не добило конкретни информации од надлежните.

„Нам сè уште никој не ни се јавил. Не ни ги вратија ниту неговите документи и мобилниот телефон“, изјавила таа.

Останува нејасно зошто Александар се нашол во просторот во кој се движи гондолата, бидејќи, според достапните информации, таму не требало да има луѓе додека атракцијата работи. Неговиот син претходно изјавил дека семејството претпоставува оти можеби се обидувал да помогне некому кому му паднале очила или мобилен телефон, но тоа засега не е потврдено.

Операторот на атракцијата соопштил дека нема индиции за технички дефект. „Hangover“ бил проверен, а по одобрение од надлежната служба во Минхен повторно бил пуштен во работа следниот ден.

Семејството во меѓувреме ги чека резултатите од истрагата. Сопругата на Александар вели дека трагедијата тешко ја погодила и дека поради нејзината состојба примала инфузија.