ПРВ.мк
Магазин

ТОШЕ КАКОВ ШТО НЕ ГО ПОЗНАВАВМЕ: Се снима голем проект за животот на легендарниот македонски пејач

ТОШЕ КАКОВ ШТО НЕ ГО ПОЗНАВАВМЕ: Се снима голем проект за животот на легендарниот македонски пејач

Легендарниот македонски пејач Тоше Проески повторно е во центарот на вниманието на регионалната јавност, откако беше најавен голем проект посветен на неговиот живот и музичко наследство. Приказната за Тоше ќе се развива во три формати – игран филм, играна серија и документарна серија.

Проектот беше претставен на Weekend.19 во Ровињ, каде за неговото создавање зборуваа продуцентот Пеце Талески, авторот на проектот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин.

Една реченица што Тоше ја изговорил во својот последен интервју, само неколку часа пред трагичната смрт, авторите ја посочуваат како своевидна суштина на целиот проект.

„И јас би сакал да го запознаам тој Тоше“, рекол Проески, зборувајќи за сликата на совршен живот што јавноста ја создала за него и во која, според Стоименов, ни самиот повеќе не можел целосно да се препознае.

Авторите најавуваат дека целта не е само да се прикаже големата музичка ѕвезда, туку и човекот зад сцената – момчето од Крушево, неговите соништа, љубовта, верата и приватниот живот далеку од рефлекторите.

Стоименов посочи дека Тоше до својата 26. година со својот моќен тенор се движел од поп и рок, преку традиционална музика, па сè до сложени оперски арии. Во периодот пред неговата смрт, според авторот, Проески барал нов музички звук и пат кон меѓународна кариера.

За подготовката на проектот биле направени десетици разговори и интервјуа со луѓе кои го познавале Тоше, биле истражувани неговите песни, животот, локациите и бројните лични сведоштва.

Продуцентот Пеце Талески истакна дека приказната е премногу голема за да биде ограничена на само еден формат, поради што паралелно се развиваат игран филм, играна и документарна серија.