Многу возачи со години го користат електронскиот клуч од својот автомобил, а притоа не знаат дека кај одредени модели постои дополнителна функција која може да ја заштеди батеријата, но и да помогне во заштитата на возилото од кражба.
Станува збор за таканаречен режим на мирување или заштеда на енергија, со кој електронскиот клуч привремено престанува постојано да комуницира со автомобилот.
Кај некои модели на „Тојота“, на пример, функцијата може да се активира со држење на копчето за заклучување и истовремено притискање на копчето за отклучување двапати. Доколку постапката е успешна, индикаторот на клучот трепнува четири пати.
По активирањето, системот „Smart Key“ престанува да функционира додека клучот повторно не се активира со притискање на едно од копчињата.
Главната цел на оваа функција е да се намали трошењето на батеријата на клучот. Сепак, таа може да има уште една важна предност – да го отежни таканаречениот „релеен напад“.
При вакви кражби се користи електронска опрема со која се продолжува комуникацијата меѓу автомобилот и клучот. Возилото може да добие впечаток дека клучот е во непосредна близина, иако тој всушност се наоѓа во домот на сопственикот.
Некои производители применуваат и автоматски решенија. Кај одредени модели на „Форд“, клучот има сензор за движење и ако остане неподвижен одредено време, автоматски преминува во режим на мирување. Кога сопственикот повторно ќе го земе, клучот се активира.
Сепак, оваа можност не е достапна кај секој автомобил, а начинот на активирање зависи од производителот, моделот и годината на производство. Затоа, пред да се испробува комбинација од копчиња, најдобро е да се провери упатството за конкретното возило.









